Езерото Треска официјално се уште не е пуштено во употреба. Се чекаат резултатите од анализата за квалитетот на водата од Институтот за јавно здравје.

На таблата пишува „Забрането капење“, но сепак многу деца , па и возрасни, деновиве се разладуваат во водата. Но градоначалникот на Општина Сарај вели дека засега дозволено е капење само во базенот за деца.

Блерим Беџети апелира до Министерството за економија да им одговори на поднесеното барање за развој на оваа рекреативна зона за скопјани.

  • Општина Сарај, по доцнењата кои нѝ ги наметна Министерството за економија, продолжува со инвестиции  за користење на тој простор. Единствената пречка што ја имаме, всушност и не е единствена, е дека немаме потврда од надлежните институции, за езерото да може се користи за капење, посочи Беџети.

Но луѓето, на во деновите на скопска жега, не чекаат дозвола. Не ги загрижува ниту тоа што околу водата нема ниту еден спасител ниту лице за укажување помош. Некои сами процениле дека водата е чиста, додека други се жалат поради треви и нечистотија.

  • Со семејството, со внуците, сите сме тука. Често доаѓаме. Изгледа добро, само треба малку да се исчисти езерото, има многу трева наоколу, не е доволно чисто. Забрането е, но децата ни бараат, сакаат да дојдат. Можеби е ризично, но што да правиме.
  • Водата е чиста.  30 години сум тука, секогаш се капеме и досега не се случило некој да се разболи, велат граѓаните.

Но со дозвола или не за капење, посетителите задолжително мора да платат паркинг во комплексот Треска.

Градоначалникот отфрла одговорност доколку на некој од пливачите, сега пред официјалната дозвола, за исправноста на водата му се случи некоја незгода. Останува да се чека наодот од Институтот за јавно здравје, кој водата од езерото ја анализира уште од мај оваа година.