Игор Пехчевски, кој боледува од цистична фиброза, на својот фејсбук профил објави дека се уште не го добил лекот „трикафта“ иако истиот пристигна во земјава. Тој со транспарент во раката сликан на својот болнички кревет прашува дали и останатите кои боледуваат од цистична фиброза ќе го добијата лекот навреме, затоа што болеста секојдневно е непредвидлива и прогресивна.

– Сè додека не го објавив транспарентот од болничкиот кревет, никој не знаеше што е болеста цистична фиброза, ни медиумите, ни македонската јавност, а камо ли за лекот „трикафта“. А, сега, кога лекот е тука, на клиниките, јас лекот не го добив. Ги прашувам надлежните – дали ние останатите ќе го добиеме лекот навреме, затоа што болеста секојдневно е непредвидлива и прогресивна, вели Пехчевски.

Лекот „трикафта“, што е наменет за најкритичните пациенти со цистична фиброза, пред неколку дена пристигна на Клиниката за детски болести и на Клиниката за пулмологија.

Од осумтемина пациенти за кои терапијата веќе е пристигната, седум се возрасни, а едно е дете. Директорката на Клиниката за детски болести, Стојка Нацева-Фуштиќ најави дека ќе направат напор многу бргу да се обезбеди терапија за уште четворица пациенти оти со пониската цена им останале пари од сегашната набавка.