Продолжува хајката и ништењето на рударскиот сектор, тенденциозно се туркаат измените на Законот за минерални суровини по скратена постапка иако со нив, не само што нема да се реши ништо, туку и дополнително ќе се измешаат работите, алармираат од Македонската асоцијација на рударство. Според Николајчо Николов од рудникот Бучим, власта, преку овој сектор, сака да добие некакви поени, кои негативно би се одразиле врз рударството. Тој апелира пратениците добро да размислат пред да ги поддржат измените, а медиумите да помогнат да се дознае вистината.

Законските измени се лоши, исклучително штетни, нелогични, селективни и неприменливи во пракса, оцени Николов. Според него, нестручен бил пристапот во дефинирање на измените, зашто од нив не се гледа што треба да се постигне. Законот, вели, веројатно го креирале луѓе кои воопшто не виделе руда.

Македонската асоцијација на рударство апелира да не се носат измените на Законот за минерални суровини по скратена постапка, туку претходно да се организира јавна дебата со сите засегнати страни, државата, бизнис заедницата и невладиниот сектор, за да се покаже дека не се само рудниците загадувачи на животната средина, туку дека големо влијание имаат и други фактори.

Во рударството во Македонија скоро и да нема домашни инвеститори, а ова е уште една во низата негативни пораки кои се испраќаат кон заинтересираните странски вложувачи.

Инаку, измените на Законот за минерални суровини ја поминаа расправата во Законодавно правната комисија и се пред пленарна седница. Дали измените експресно ќе се протуркаат и ќе бидат штетни, ќе одлучат пратениците кај кои е решението кое можеби ќе го дотолчи овој и онака осетливив, рударски сектор.