Струмичката болница ангажира интернисти од Скопје оти изминативе неколку месеци во приватното здравство заминаа четири специјалисти по интерна медицина. Во моментов во струмичката болница која покрива регион со околу 100.000 жители работат само 4 лекари специјалисти и неколку секунданти кои покриваат потребите на одделенија, но и амбулантското и кабинетско третирање.

Директорот на струмичката болница, Наќе Гогов вели дека недостатокот ќе се компензира со лекари од „8 Септември“ и државната Клиника од Скопје

„Ќе имаме засилување на специјалисти од „8 Септември“ и од факултетската Клиника. Ќе бидат по распоред, како за дежурства така и за Мој термин оти Скопје – Струмица е далеку да доаѓаат само за дежурства“ – изјави Наќе Гогов.

Ситуацијата не е розова ни по останатите одделенија каде фалат исто така специјалисти. Веќе  биле испратени 5 лекари на специјализации иако реално имало потреба од 12 кои ќе треба да бидат распоредени по сите области.

Директорот ваквата ситуација ја објаснува со непланското пуштање лекари на специјализации од страна на министерот, од страна на раководството.

„Тој недостаток на доктори е поради лошо водење на болниците, не се водело сметка да се прави анализи колку специјализанти треба да бидат пратени на специјализација“ – вели Гогов.

Одливот на специјалистите од струмичката болница се должи поради повисоките плати во приватното здравство.