Како директно инволвиран во здравствениот систем на нашата држава јас секојдневно се судрувам со проблемите кои го мачат републичкото здравство. Ги поздравувам иницијативите на Клубот на млади лекари за намалувањето на егзодусот врз белиот мантил и воедно со тоа го повикувам министерството за здравство веднаш да отпочне консултации со претставници на сите чинители во давањето, примањето на здравствените услуги и оние кои треба да ги финансираат овие услуги, вели Енсер Јусуфоски, потпретседател на Граѓанско Демократска Унија.
„Во текот на изминатиот период бевме сведоци на контрадикторни политики на министерот за здравство и премиерот на Владата, што ни малку не придонесуваат за подобрувањето на условите за младите, идните и постоечките лекари и другиот медицински персонал.
Фактот дека повеќе од 1200 млади лекари ја имаат напуштено Македонија, покажува дека трендот на недоволна ангажираност на надлежното Министерство за подобрување на статусот, условите за работа и примањата на медицинските работници продолжува.
Ветувањата за позитивни промени во здравството барем засега остануваат убава бајка, во која како што изгледа веруваат се помалку луѓе. Тука се крие и причината зошто лекарите масовно си заминуваат и ја бараат својата професионална реализација и егзистенција надвор од земјата.
Потсетувам дека само пред неколку дена медиумите објавија дека во источниот дел на земјата се набљудува дефицит на медицински работници.
Според мене тоа е многу поголем проблем од „главната“ дилема што ја тресе јавноста деновиве, а имено каде се наоѓа Груевски и зошто, кога ќе се врати, дали ќе се врати, ќе лежи или не“.