Денеска е пoследниот ден за земјоделците да ги пријават штетите од невремето кое минатата недела го зафати струмичкиот, битолскиот и ресенскиот регион. Поројниот дожд и врнежите град, според првичниот увид на терен, најмногу ги погодија градинарските култури, житата, тутунот и јаболката.

Откако ќе бидат изготвени првичните проценки на штетите, Владата ќе треба да донесе одлука колкав ќе биде процентот на обештетување, па дури потоа ќе започне исплатата на пари за штетите од невремето.

  • Точните податоци за тоа колкава површина е опфатена ќе се знаат на почетокот на следната недела. Потоа ќе се започне постапка за изработка на елаборати и проценка на вредноста на штетите кои ќе бидат доставени до владината комисија за обештетување. Според првичните податоци од комисијата на терен, само во Могила зафатени од невремето се околу 500 хектари градинарски и полјоделски култури, а најмногу тутун, информираат од Министерството за земјоделство.

Од Министерството за земјоделство топката ја префрлаат врз немоќните – велат дека е крајно време земјоделците сериозно да размислуваат за осигурување на посевите. Државата и понатаму дава 60 процентна субвенција за земјоделско осигурување, но податоците покажуваат дека наместо да се зголемува, интересот на земјоделците да си го осигураат производството од природни непогоди е се помал. Најавуваат поедноставување и забрзување на постапките за обештетување на земјоделците.

  • Ние донесовме и средорочна и долгорочна стартегија, се разгледуваат односно се детално разработени два модели, тоа се турскиот и шпанскиот кој што ќе бидат основа за носење на новиот Предлог -закон за земјоделско осигурување на основа на кој што сметам дека тоа е уште една дополнителна алатка во делот на зголемувањето на интересот на земјоделците во делот на климатските промени, изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделство.

Според Николовски, штетите од невремето не се алармантни бидејќи поголем дел од производството во овие региони е под фолии и е заштитено.