Италија и Шпанија имаат најголем број жртви, а САД најмногу заболени од коронавирусот

На глобално ниво, од коронавирусот заразени се над 735.000 луѓе, од кои 34.800 починаа, а над 156,000 се излекувани. Италија, со над 10.700 жртви, останува држава со најголема смртност од…

На глобално ниво, од коронавирусот заразени се над 735.000 луѓе, од кои 34.800 починаа, а над 156,000 се излекувани. Италија, со над 10.700 жртви, останува држава со најголема смртност од Ковид 19. Но, САД се на врвот на списокот со најмногу заразени, со над 142.000.

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ќе ги продолжи мерките за борба со вирусот за уште 30 дена. Тој рече дека ако властите не преземеле мерки, досега над два милиони Американци би биле мртви и вети дека ќе дадат се од себе за да го „поразат Коронавирусот“ и да ја вратат нормалноста ширум светот.

„Ништо не би можело да биде полошо од прогласување победа пред да го постигнете тоа. Колку побрзо и подобро реагирате, толку побрзо ќе заврши оваа вознемиреност. Така ќе го продолжиме рокот до 30 април за да го забавиме ширењето. Во вторник ќе ги финализираме планот и стратегијата за Американците“, рече Трамп.

Би било добра работа, рече Трамп, доколку бројот на смртни случаи во САД што сега е над 2.000, до крајот би бил помеѓу 100 и 200 000, бројка којашто ја најави шефот на единицата на Белата куќа против Коронавирусот, Ентони Фаучи.

„Секогаш има подобро и полошо сценарио, а вистината е претежно во средина. Никогаш не сум видел ниту една болест со која се соочуваме да ги надмине очекувањата. Мислам, од она што го гледаме во моментов, ќе има меѓу 100 и 200.000 смртни случаи во САД, а милиони заразени“, рече Ентони Фаучи, Единицата „Такс форц„ на Белата куќа против Коронавирус.

Ситуацијата во Шпанија се влошува секој ден, при што бројот на жртвите надмина 7.300, а заразени се 85.000. Во Германија има над 62.000 заразени, додека канцеларката Ангела Меркел има за цел да го копира јужнокорејскиот модел во борбата против пандемијата, спроведувајќи 200.000 тестови на ден. Добрата вест доаѓа од Кина, каде што се излечија 75.700 од вкупно заразените 81.470 лица.

Од соседните земји, Косово има 94 заразени и една жртва, Албанија има 223 заразени и 11 жртви. Во Србија, бројот на заразени достигна 741, а бројот на жртви 13, а српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека во наредните денови ќе донесе одлука за 24 – часовен полициски час кој би траел 14 дена, додека платите од април на здравствените работници ќе се зголемат за 10%. Во моментов, Грција има 39 жртви и 1.156 заразени, додека Бугарија има осум жртви и 354 заразени.


Related Articles