СЗО треба да одлучи дали да прогласи глобална вонредна здравствена состојба

Светската здравствена организација (СЗО) денес организира итен состанок поради епидемијата од новиот коронавирус, кој досега уби девет лица, а стотици други беа заразени во Кина и надвор од нејзините граници.

СЗО треба да одлучи дали да прогласи глобална вонредна здравствена состојба.

Бројот на потврдени случаи заразени од вирусот достигна до 440, меѓу кои 15 здравствени работници. Вирусот прво се појави во Кина, а се рашири во Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, Тајван и во САД, каде вчера во сојузната држава Вашингтон беше регистриран првиот случај.

Здравствените официјални лица изјавија дека лицето, кое минатата недела се вратило во Сиетл од кинескиот град Вухан, има пневмонија и се наоѓа во добра здравствена состојба.

Претседателот на САД Доналд Трамп, од Давос, Швајцарија, најави дека надлежните лица имаат план како да се соочат со епидемијата, нагласувајќи дека лицата во Центрите за контрола и превенција на болести се одлични професионалци.