Од први јули идната година нема да има бугарски пензионер што ќе зема пензија пониска од 130 евра. Пратениците во бугарскиот Парламент одлучија дека минималната пензија во оваа соседна држава, според стаж и старост, од средината на 2020 година ќе изнесува 250 лева, што е рамно на 130 евра.

Како што јавија бугарските медиуми, за утврдување на оваа минимална пензија гласале 214 пратеници, од кои 137 биле „за“, 61 „против“, а 16 биле воздржани.

А каква е состојбата на македонските пензионери?

И во земјава минималната пензија е со закон утврдена, и таа не смее да биде пониска од близу 9.000 денари, или прецизно – 8.971 денар. Толку била најниската исплатена пензија во октомври оваа година. Или, изразено во евра, значи дека македонската минимална пензија е 146 евра.

„Најнискиот износ на старосна пензија е дефиниран во член 37 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Износот на пензија зависи од периодот кога е остварено правото на пензија, и должината на пензискиот стаж. Постојат девет групи на минимални пензии и најнискиот износ на старосна пензија во октомври 2019 година изнесува 8.971 денар“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Ова, како што објаснуваат од ресорот за труд и социјала, значи дека државата гарантира дека во земјава нема да има пензионер што ќе зема пензија пониска од овој износ, 8.971 денар. Или, дури и ако одредени пензионери, според пресметките, би требало да имаат пензија од, на пример, 5.000 денари, тие нема да го добиваат тој износ, туку оваа загарантирана минимална пензија.

Од Министерството за труд за Фактор велат дека работат на анализи за утврдување на едно ново ниво на минимална пензија.

Ако се направи споредба со нашиот источен сосед, всушност нашата минимална пензија сега е нешто повисока од онаа што бугарските пензионери ќе ја земаат од јули идната година. Или, разликата е 16 евра, односно 984 денари.

Она што е сепак загрижувачки, е што огромен број пензионери во земјава, или дури 44 отсто од нив, земаат пензија меѓу 8.971 и 12.000 денари. Ако во земјава има 321.000 пензионери, тоа значи дека дури 141.240 приматели на пензија практично го поминуваат месецот со износи меѓу 9 и 12 илјади денари.

Просечната пензија во земјава, пак, изнесува 14.500 денари.

Затоа, пак, почнувајќи од јануари идната година, пензиите се зголемуваат линеарно за сите пензионери за по 700 денари. Тоа значи дека минималната пензија ќе порасне на 9.671 денар, или таа ќе биде на ниво од 157 евра. Плус, согласно индексацијата со трошоците на живот, пензионерите ќе добијат дополнителни меѓу 160 и 200 денари зголемување на пензиите.

Во Србија, пак, состојбата на дел од пензионерите со најниски примања е многу понеповолна. е многу понеповолна. Податоците таму говорат дека 105.650 граѓани ја добиваат најниската пензија, која тежи 10.000 српски динари, што е рамно на само 85 евра. Најмногу пензионери во таа земја има со примања меѓу 10 и 15 илјади динари, дури 368.102 пензионери, што е 21,6 отсто од вкупниот број на корисници на пензии.