Јавниот здравствен сектор е отворен за секој кој сака да се врати, не само за кардиохирурзите, односно за тимот кој замина. Сега се прават интервенции таму каде ја има експертизата. И двете приватни болници имаат договори согласно кои може да прават такви интервенции. Каде и да се прават такви интервенции Фондот за здравствено осигурување ќе ги покрие трошоците, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој посочи дека иднината за развој на нашиот здравствен систем е во искористување и имплементирање такви модели при што може да се искористи и приватниот капитал.

На прашање кој оперира сега во Клиниката „Жан Митрев“, министерот рече дека таа здравствена установа има договор со кардиохирузи од Србија.

– Беа дојдени кардиохирурзи од Бугарија кои сакаат да направат договор со двете болници. Мислам дека од стручна гледна точка тоа прашање е затворено – додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по презентирањето на проект во рамки на кој од денеска 15 волонтери-водичи кои ги ангажира Црвениот крст ќе им помагаат на пациентите полесно да се снајдат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.