Колку здравствени работници одбиле да се вакцинираат со МРП-вакцина ќе се знае кон крајот на месецот, најавува директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Бухова, додавајќи дека тие ќе се соочат со казни.

„Доколку има здравствени работници и персонал вработен во болниците кои одбиле да се вакцинираат против морбили, односно не ја почитувале наредбата на Министерството за здравство за вакцинација, ќе се соочат со казни. Во дел од институциите веќе е закажан термин за примање на втора доза на вакцината МРП, а дел од здравствените работници закажале термин и за испитување дали прележале или не мали сипаници. Некои имаат закажано ревакцинација на крајот на мај. Најдобро од сè е што во сите здравствени институции се врши вакцинација, а таму каде нема и проверка на титер на антитела“, вели Бухова.

Во струшката болница нема нови заболени со морбили од персоналот. Од почетокот на епидемијата па досега, од болеста се заразија 34 здравствени работници. Меѓутоа, веќе една недела под клуч е хируршкото одделение, оти на хируршкиот одел и анестезија имало четиринаесет заболени.

„Некои од заболените беа во почетен стадиум, други во среден и во завршен стадиум. Поради намалениот персонал, по препораки на Комисијата за интрахоспитални инфекции и во договор со Центарот за јавно здравје – Охрид донесена е одлука да биде затворено одделението. Нема новозаболени од персоналот со морбили, во тек е вакцинација на целиот персонал“, додаде Бухова.

Од болницата уште минатата недела рекоа дека хируршкото одделение ќе биде затворено до 28 мај. Во меѓувреме пациентите ќе се препраќаат во најблиските клиники за операции, во Охрид и во Скопје.

Директорот на струшката болница, Реџеп Даути, вели дека состојбата се смирува, нови заболени од персоналот нема и постепено се враќаат на работа, не само оние што работат во хируршкото одделение туку во цела болница. Очекува одделението да биде ставено во функција денеска или утре.

„Од морбили досега заболеа 1 625 пациенти. Ова е најголема бројка на заболени од морбили во последните 25 години. Во однос на најновите 105 случаи, 77,1 отсто се невакцинирани лица, вакцинирани само со една доза или лица за кои воопшто нема податок за вакцинален статус. Досега вкупно 27 000 лица се вакцинирани од почетокот на епидемијата, меѓутоа уште 15 600 лица се подложни на вакцинација, чувствителни на вирусот, а досега не се вакцинирани. Токму затоа, како епидемиолог, апелирам да се продолжи со вакцинацијата“, истакна д-р Караџовски.