Праксата во здравството да се примаат лица со помалку бодови на тесирањето продолжува, а последниот случај е од Пехчево. На оглас за општ стоматолог за во Здравствениот дом во Пехчево се пријавиле двајца кандидати, а примен е оној со помалку бодови, вели нашиот извор кој додадава дека примениот не ги исполнува ниту условите од конкурсот на кој се бара општ стоматолог, а се прима стоматолог специјалист или со специјалистичка лиценца, а не општа. Значи примениот кандидат е и со помалку бодови на тестирање, и со несоодветна лиценца за работа.  Нашиот извор посочува дека сето ова се случува веројатно зошто примениот кандидат е лице блиско до пратеничката на СДСМ, Јагода Шахпаска.

Според него во овој случај се прекршуваат многу правни норми, од правилници до закони.

-Во случајов не само што е примен кандидат со помалку бодови, туку се прекршуваат закони. Примениот кандидат треба да биде општ стоматолог или да работи превентива, односно да има лиценца за општ стоматолог. Во конкретниов случај примениот кандидат е со специјалистичка лиценца, а дополнително е и носител на дејност за специјалистичка пракса во стоматологијата, вели нашиот извор.

Оттука, не само што не се почитува законот и условите на конкурсот, не се почитува ниту веќе воспоставената стоматолошка мрежа во државава.

-Според стоматолошката мрежа мора да има еден специјалист стоматолог. Тој сега е примен во Здравствениот дом како општ стоматолог. Што зачи тоа Пехчево ќе остане без специјалист или кандидатот ќе си работи и во Здравствениот дом и паралелно ќе ја држи дејноста на специјалист стоматолог, а наместо него ќе работи друг, прашуваат упатените во оваа област.