Од ПЗУ Клиничка болница Жан Митрев Скопје се огласија во однос на досегашните напади и обвинувања со кои се соочуваме овие денови.

-Во Клиничката болница Жан Митрев Скопје не се вршени клинички испитувања, а објавената публикација не е и не може да претставува клиничко испитување. Всушност, станува збор за научен труд со сублимирани лабораториски резултати и искуства од употреба на оваа метода за лекување.

Клиничко испитување на медицинските средства претставува откривање, односно потврдување на безбедноста на медицинските средства, нивната корисност и усогласеност со општите и посебните услови во согласност со намената дефинирана од страна на прозиводителот, а спонзорот на клиничкото испитување или неговиот овластен претставник е должен да го пријави клиничкото испитување во Малмед. Во овој контекст, Клиничка болница Жан Митрев Скопје ниту вршела проверка на безбедноста на медицинското средство за хемофилтрација (бидејќи тоа е обврска на производителот на медицинското средство), ниту пак е спонзор или овластен претставник за да може да пријавува, да бара или добива дозволи за вршење на клинички испитувања.

Употребата на медицинското средство за хемофилтрација е начин на лекување, а секоја употреба на медицинско средство не е и не може да претставува клиничко испитување. Пред се, ние лекувавме пациенти од последиците предизвикани од КОВИД-19 вирусот со сите дозволени ресурси, меѓудругото и со помош на хемофилтрација -метода која е меѓународно сертифицирана.

За употребата на ова медицинско средство (филтри), Клиничката болница Жан Митрев Скопје има соодветни дозволи и одобренија од страна на надлежните органи, кои ги набавила како купувач согласно склучен договор за купопродажба, и ги употребувала како купувач – за лекување, а не како спонзор.

Во однос на интрахоспиталните инфекции (ИХИ), појаснуваме дека Клиничка болница Жан Митрев Скопје, ги исполнува сите пропишани обврски за заштита на населението од заразни болести во однос на ИХИ односно: има донесена Одлука за именување на членови на Kомисија за интерхоспитални инфекции, има донесено Програма за контрола и превенција на ИХИ за 2021 до 2023 година, има изготвени Критерими за иницирање на истрага на ИХИ, врши контрола на хигиената, има изготвен План за контрола на ИХИ, Методологии за надгледување на ИХИ, систем за надзор на ИХИ, и ги поседува сите други пропишани поединечни акти според прописите за заштита на населението од заразни болести.

Клиничка болница Жан Митрев Скопје веќе 22 години работи согласно законите и прописите на оваа држава и така и ќе продолжи. Затоа сме згрозени од ваквиот исцениран јавен напад, со кој се злоупотребува трагедијата на одредени семејства, креирајќи комплетно искривен приказ на КОВИД19 третманот на пациентите, медицинскиот пристап и институциите кои згрижувале тешко болни пациенти во време на пандемија.

Напоменуваме дека, во нашата здравствена установа се лекувани голем број на пациенти од КОВИД-19, а само кај дел од нив е користена хемофилтрација, по оцена на одговорните лекари за секој конкретен случај одделно. На пациентите кај кои не е вршена хемофилтрација им се вратени претходно авансираните парични средства за хемофилтрација, за што постои уредна книговодствена документација. Навистина не ни е јасно зошто не се пишува за сите оние успешно излекувани пациенти од КОВИД – 19 кои биле примени со најтешка клиничка слика, а токму поради лекувањето со хемофилтрација нивните животи биле спасени.

Продолжуваме крајно професионално и одговорно да ја извршуваме здравствената дејност во интерес на нашите пациенти. Ги охрабруваме сите инспекциски органи, како и многупати досега да ги извршат сите потребни контроли и надзори, на кои ќе им биде доставена целокупната документација со која располагаме, со цел надлежните стручни органи да ги побијат сите невистини и небулози кои беа изнесени во јавноста, стои во нивното соопштение.