Kофинансираните специјализанти реагираа писмено по изјавата на министерот Филипче.

– Почитуван Министер за здравство, д-р. Венко Филипче, кофинансираните специјализанти се посебна група, но пред се се лекари кои треба да ги уживаат истите права како и другите лекари. Нашиот последен официјален состанок беше пред 4 месеци, а не претходната недела. На истиот ви ги претставивме нашите проблеми и кои истите можат да се решат со промена на ЗЗЗ. Вие побаравте правно решение од нас, кое ви го доставивме пред да се изгласаат последните законски измени во ЗЗЗ, но по се изгледа не сте го разгледале.

Министерот Филипче вчера истакна дека во текот на минатата недела имал состанок со кофинансираните специјализанти и нагласи дека оваа Влада е првата, која одвоила средства во 2018 година приватните специјализанти за прв пат да бидат платени за својот труд.

– Тие до тогаш работеа практично без пари. Кофинансираните специјализанти се една посебна група која што има направено посебни договори заради тоа што преку специјализацијата тие имаат направено и договор на определено работно време.
Согласно Законот, кога ја завршуваат специјализацијата, нивниот работен однос се трансформира во работен однос на неопределено работно време, истакна Филипче.

Сведоци сме на уште една голема манипулација и уште една од низата на лаги изречени од министерот за здравство Венко Филипче, работите не се такви како што се прикажуваат и реалноста е сосема поинаква од тоа што го презентира министерот во своите изјави – посочија специјализантите