Случајот со повредените работници во Куманово е само уште еден показател дека никој, нити работодавачите, нити надлежните институции и инспекторати не реагираат на апелите на работниците да им се обезбедат соодветни услови за работа. Поразителни се и официјалните податоци на Македонското здружение за заштита при работа според кои само во последниов квартал од годинава евидентирани се 86 повреди и 16 смртни случаи, додека лани загинале 33 работници а 123-ца се повредиле.

И ова не се реални бројки бидејќи во државава нема унифициран систем на податоци. Институтот за јавно здравје лани излезе со податок од над 1000 несреќи, не вбројувајќи ги оние кои се плашат да ги пријават повредите, а ги има многу, но никаде не се евидентирани. Говори ли ова дека и после 11 години од донесување на законот за безбедност и здравје при работа, истиот не функционира?

Кога гледаме дека имаме голем број на повреди и несреќи и при работа, имаме непримена на законот за безбедност и здравје при работа. Исто така тука треба да го спомнеме и надзорот на државните инспекции – изјави Весна Ристовска од Македонско здружение за заштита при работа.

Државниот инспекторат за труд има само 36 испектори на ниво на држава што не доволно, затоа малкумина понеле и кривична одговорност – велат од здружението за заштита при работа. Но, неофицијално, вистината се крие во тоа што работодавачите ги подмитуваат инспекторите оти казните се огромни, а работниците молчат од страв да не ја изгубат работата.

Од Македонското здружение за заштита при работа потенцираат дека треба да се промени 30 % од законот за безбедност и здравје при работа, што автоматски значи дека треба да се донесе нов закон.