Никој не ја знае точна бројка на деца кои се злоупотребуваат за работа. Организациите кажуваат за бројка од неколку илјади, а институциите имаат многу помали бројки. Драги Змијанац од детската амбасада „Меѓаши“ вели дека бројката се движи од 1000 до 2000, а бројот на неевидентирани деца во матичната книга е многу повисок од овој.

Од „Меѓаши“ бараат институциите да им овозможат на овие деца да се вклучат во наставниот процес, но и да им се обезбеди дом и вработување на барем еден од родителите. Од Министерството за труд зборуваат за мерки, но поинакви од оние на детската амбасада.

Од МТСП велат дека се формирани подвижни екипи кои регистрирале 248 деца кои работат на улица, а на територијата на град Скопје постојат два социјални центри, во Кисела Вода и Шуто Оризари. На прашањето колкав е бројот на не- евидентирани деца во Матичната книга, од надлежното министерството рекоа дека на повикот за регистрирање се пријавиле 700 лица, без да наведат колку од нив се деца.

Од МВР велат дека на родителите кои ги злоупотребуваат своите деца за питачење, ќе им се одземе родителското право и против нив ќе се покрене соодветна кривична пријава.

И покрај мерките на кој се повикуваат институциите, низ скопксите раскрсници и натаму има десетици деца кои питачат, собираат шишиња, железо или бараат храна во контејнери.