На Клиниката за Гинекологија и Акушерство во Скопје, еден специјализант кој учествувал во породување на родилка позитивна на коронавирусот самоиницијативно извршил тестирање за Ковид-19 во ЦЈЗ. Тој по потекло е од Куманово и според изјавата на директорката на ГАК, Викторија Јовановска, за еден наш медиум, тој немал никакви симптоми и резултатот од првиот направен тест, во сабота, бил позитивен. Во недела направил уште еден тест, затоа што од ЦЈЗ му јавиле дека дента примиле над 200 теста од Куманово и за да нема грешка му препорачале да го повтори истиот. На тој тест резултатот бил негативен. А за да не биде дека има само еден негативен тест тој прави тест и во Систина, кој исто така е негативен, објаснува директорката.

Како е можно за само два дена тестовите на Институтот за јавно здравје да покажат два различни резултата? Дали се точни тестовите во ЦЈЗ и зошто здравствените работници не им веруваат па се тестираат и приватно? Министерот Филипче и по овој случај уверува дека тестовите се релевантни.

“Два типа на тестови на антиген и антитело во даден момент – тестовите на антиген и антитела можат да бидат со соодветна комбинација или во која фаза од болеста или состојбата еден е позтивен, друг е негативен и тука има бројни седум, осум комбинации на кој пациентот е позитивен на вирусот.” – изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Што значи ова за вработените во ГАК? Дали се безбедни бебињата и родилките? , прашуваат пациентите и загрижените граѓани по социјалните медиуми.

Инаку бројот на заболени здравствени работници во земјава секојдневно расте, денеска е потврден нов случај од ГОБ “8-ми Септември”. Пред два дена двајца медицински работници се позитивни на заразата и во Поликлиниката Чаир. Според последните официјални бројки позитивни на Ковид-19 се повеќе од 220 здравствени работници.