Централна комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ, на својата официјална фејсбук страна излезе со соопштение за несовесно работење на директорката на Завод и музеј – Битола, д-р Мери Стојанова, и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Додека директорката Стојанова која во моментов се наоѓа на пат во Мароко со непознат „работен„ ангажман, Спомен-собата на Мустафа Кемал Ататурк која е во состав на Заводот, е оставена на милост и немилост на временските неприлики, посочуваат од комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ. Тие прашуваат дали на прагот на зимата се започнуваат градежни зафати со кои делови од објектот ќе бидат изложени на сите атмосферски влијанија кои ги носи ова време во годината?
Во продолжение го пренесуваме нивното соопштение во целост:
– „Серијалот за негрижа во музејската дејност за која ВМРО-ДПМНЕ почна да алармира, почнувајќи од Археолошкиот музеј на Македонија и отстранувањето на постојаната нумизматичка збирка, понатаму со Музејот на Македонија и негрижата за втората збирка икони по значење во Република Македонија, сега нè однесе во конзулскиот град, во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола, од каде потекнува и министерката за (не)култура, д-р Бисера Костадиновска-Стојчевска, петтата по ред во Владата на ДУИ и нејзиниот подизведувач СДС(М).
Овојпат укажуваме на „работата“ на д-р Мери Стојанова директорка на Заводот и музеј – Битола, која еднаш Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ, на 28.5.2021 година ја прозва за непотизам, кога го ангажираше својот син студент по етнологија да работи на откривање мозаици во Хераклеа. Тажен е и денешниот повод во кој Заводот и музеј – Битола ќе го споменеме. Имено, додека директорката Стојанова која во моментов се наоѓа на пат во Мароко со непознат „работен„ ангажман, Спомен-собата на Мустафа Кемал Ататурк која е во состав на Заводот, е оставена на милост и немилост на временските неприлики. Зарем на 9. ноември, на прагот од зимата, се започнуваат градежни зафати со кои делови од објектот ќе бидат изложени на сите атмосферски влијанија кои ги носи ова време во годината?
Зарем, поставката во која е претставен Кемал Ататурк и преку која се одбележува придонесот на Македонија во ‘раѓањето’ на модерна Турција заслужува ваков ризичен третман, со реконструкција надвор од градежна сезона, кога засилено почнуваат дождовите и снегoвите?
Тажно е непланското, стихијно и неодговорно работење на директорката Стојанова, бидејќи една ваква важна постановка која свечено е отворена на 3.10.1998 година, од двајца тогашни претседатели на држави, Киро Глигоров на Република Македонија и Сулејман Демирел на Република Турција, не заслужува ваков дилетантски третман.
Со ваквото лошо менаџирање, д-р Стојанова која патем кажано во себе како „експерт“ генерира и други обврски од заштитата на културното наследство за кои не може да одговори на соодветно ниво, во сенка паѓа и наградата „4. Ноември“ од 2010 година, која градот Битола и ја додели на оваа институција за уредување на постојаната музејска поставка од неолитот до денес, и за што институцијата е прогласена за Музеј на годината од Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (ICOM Macedonia)!
Како го оправдувате ваквото континуирано лошо менаџирање на битолскиот Завод и музеј, „министерке за култура“?
Одговорноста за ваквата непланска активност, нарушување на меѓународниот углед на државата кој го сеете на секој план во заштитата не само на недвижното, движното, туку во последно време и во дејноста на нематеријалното културно наследство, заедно со директорката Стојанова, паѓа на ваш товар и треба да понесете одговорност.
Заминете си што е можно поскоро од позицијата Стојчевска, во која се најдовте по игра на случајноста. Културата ни одблизу не е случајност. Културата е исклучително сериозна сфера која не ја познавате и е трајна траекторија на постоењето“, стои во соопштението на централна комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ.