Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, на својата официјална фејсбук страна, објави пост во кој посочува дека реновираните оддели на Детската клиника за кои вчера министерот за здравство Венко Филипче, се пофали дека се комплетно реновирани, всушност се само запуштен простор кој во минатото не се користел, а сега е само искречен, сменети се неколку прозори и повторно е ставен во употреба. Станува збор за Ургентниот дел на Детската клиника кој бил отворен во 2013 година, а 2017 послужил како оддел за Интензивна нега. Но по преселбата на Интензивна нега на веќе реновираниот оддел кон крајот на 2017-та, Ургентниот центар е затворен комплетно, за сега со разместување на болнички кревети и кречење да се „реновира“ истиот во ек на најголемиот карантин, а да нема опремување со нова апаратура, ниту пак има нешто останато од првобитната апаратура пред повеќе години, велат од Комисијата.

– Дури и ако е за предизборен маркетинг, да не се служиме со манипулации и лаги, само со цел за добивање на гласови од гласачкото тело…Министерот за здравство, Венко Филипче вчера се пофали дека на Детска клиника комплетно се реновирани амбулантскиот дел, Ургентниот центар и чекалната. Која е вистината? Ургентниот центар на Универзитетската клиника за детски болести беше отворен на 24.12.2013 година. Истиот беше отворен под покровителство на сопругата на поранешниот претседател на Македонија, Маја Иванова, како заеднички проект на повеќе странски невладини организации.

– Ургентниот центар работеше со полна пареа со усвоени протоколи за работа. На почетокот на 2017 година, Ургентниот центар послужи како оддел за Интензивна нега. Но, по преселбата на Интензивната нега на веќе реновираниот оддел, кон крајот на 2017 година, за жал на пациентите и на лекарите, одделот Ургентен центар се затвори комплетно. Тоа се случи откако новата власт веќе ги смени директорите на клиниките. Значи, повеќе од две години, овој простор немаше никаква намена. Или Детската клиника во периодот од 2017 до 2020 година, немаше никаков Ургентен центар, што е спротивно на добрата пракса низ целиот свет.

Од Комисијата за здравство посочуваат дека никаде во светот не постои Универзитетска детска клиника без свој педијатриски Ургентен центар.

– На почетокот на епидемијата (односно КОВИД- 19 пандемијата) неопходно беше да се најде простор за физичка дистанца помеѓу евентуално примените деца суспектни и/или ковид-19 позитивни, со останатите хоспитализирани пациенти на Клиниката со различна патологија, па конечно актуелниот менаџмент му најде намена на овој запуштен простор. Размести болнички кревети, зема („позајми“) опрема главно од одделот Интензивната нега и таман почна да работи, директорката реши дека во ек на најголемиот карантин ќе го „реновира“. „Реновирањето“ на Ургентниот центар се состоеше од кречење на ѕидовите и менување на два или три прозори во друг дел од амбулантскиот простор, кој се наоѓа на приземјето. Но, немаше никакво реновирање или „потполно“ опремување со нова апаратура на одделот Ургентен центар. За жал, таму немаше и нема ништо ниту од првобитната опрема од пред повеќе години, односно кога беше прв пат (еден и единствен) беше отворен Ургентниот центар на Детската клиника.