Комисијата за заразни болести останува на ставот дека е рано да се размислува за укинување на маските во училиштата, а истовремено се предлага нова методологија за проценка и следење на епидемиолошкиот ризик. Тие велат дека причината поради која се уште не се укинуваат заштитните маски во училиштата е малиот процент на целосно вакцинирано население.

Портпаролот на Комисијата за заразни болести, доктор Злате Мехмедовиќ во текот на вчерашниот ден посочи дека основната дискусија која се водеше на состанокот беше методологијата што ја предлагаат за релаксирање на мерките по точно утврдени параметри.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека кога Комисијата за заразни болести ќе препорача дека учениците не треба да носат заштитни маски во училиштата, МОН тоа ќе го прифати. За министерот најважен фактор е скринингот кој го реализираше Министерството за здравство заедно со Комисијата за заразни болести.

Комисијата за заразни болести на вчерашниот редовен состанок предложи нова методологија за проценка и следење на епидемиолошкиот ризик. Новата методологија што ја предлага Комисијата за проценка и следење на епидемиолошкиот ризик ќе се темели на три индикатори за период од последните седум дена: бројот на новооткриени случаи и бројот на хоспитализации на 100 000 население и процент на исполнетост на здравствени капацитети. Епидемиолошкиот ризик, според предлогот на Комисијата, ќе се класифицира како низок, среден или висок и за секоја од проценетите состојби ќе има сет мерки.

Комисијата во соопштение објасни дека со зголемување на нивото на имунизирано население заради вакцини и прележана болест, поголем дел од инфекциите сега поминуваат асимптоматски или со благи симптоми.

– Затоа во последните недели фокусот околу КОВИД-19 во светот се поместува од вкупни бројки на новооткриени случаи кон број на хоспитализации и оптовареност на здравствениот систем. Според овие параметри, се предлага епидемиолошкиот ризик да биде класифициран како низок, среден или висок. За секоја од проценетите состојби се предвидува сет од мерки на индивидуално и општествено ниво. На ваков начин сметаме дека според објективни показатели ќе може навремено да се проценува ризикот и да се реагира соодветно во двете насоки, и за олабавување и за заострување на мерките, информира КЗБ.