Да се укине задолжителното поседување сертификат за вакцинација или прележаност на КОВИД-19 за влез во земјата, препорача вчера Комисијата за заразни болести. Засега останува сертификатот да важи за влез во затворен дел на угостителските објекти бидејќи Комисјата смета дека е потребно постепено олабавување на рестрикциите.

Портпаролот на Комисијата за заразни болести д-р Злате Мехмедовиќ вчера на прес-конференција рече дека постепеното укинување на мерките дава резултат и тоа се гледа по секојдневниот пад на бројките. Најновата препорака од Комисијата ќе стапи на сила откако ќе биде усвоена од страна на Владата.

Министерот за здравство, Беким Сали го дели истиот став со Комисијата и смета дека сè уште не може да се каже дека е крај на корона-пандемијата и оти не може временски да се прецизира кога ќе се тргнат сите ковид-рестрикции.

– Временски не можеме да прецизираме, но работиме, секојдневно ги добиваме информациите и ја третираме таа тема. Постојано нешто олабавуваме, со тоа што во меѓувреме анализираме дали сме постапиле правилно, рече Сали.

На владината седница во вторникот беше усвоена мерката за укинување на маските во затворен простор, со исклучок на здравствените установи, аптеките, јавниот превоз, домовите за стари лица и установите за згрижување лица со попреченост.