Пораката која што ја упати Светската здравствена организација до министерот за здравство е дека послабо организираните здравствени системи се под силна закана од епидемијата со вирусот Корона, која се шири со голема брзина.

Додека останатите здравствени системи на земјите од ЕУ се подготвуваат за ударот од епидемијата со Корона вирус, здравствените власти треба наместо смирувачките пораки да дадат информации дали е во функција Центарот за управување со кризи и кои се насоките од таму? Епидемијата со Корона вирусот е присутна во повеќе европски земји меѓу кои покрај Франција, Германија и Финска, наскоро се проценува дека истиот ќе се појави во Италија, како и соседните земји Грција и Бугарија.

Министерството за здравство треба да одговори на повеќе прашања:
1. Дали Клиниката за инфективни болести во Скопје е во можност да прифати СИТЕ пациенти (адултни и педијатриски) кои што се со слична симптоматологија како грип и Корона вирус, а се вирусни инфекции кои што имаат идентичен начин на трансмисија?
2. Дали се упатени насоки за сите здравствени работници во Скопје и во земјата како да се однесуваат при појава на пациент со сомнение за корона инфекција?
3. Што се случува со сите оние патници кои што се враќаат од Кина, а слетуваат на аеродромите во Софија, Белград, Приштина и Солун, па потоа преку граница се враќаат во Македонија?
4. Дали останатите профили имаат насоки како треба да се однесуваат, тоа се возачите, цариниците на граничните премини кои можат да бидат дел од трансмисијата на епидемијата? Дали единствено термалната камера на двата аеродрома е доволна?
5. Дали увозот на животни е обезбедени?

Апелираме до Владата и до Министерството за здравство, како и до министерот Венко Филипче како најповикан за подготовка на капацитетите за справување со оваа закана која што се наближува, да пристапат сериозно кон пораките кои што доаѓаат од СЗО и да се ангажираат, без одложување да го активираат здравствениот систем за ударот кој што не очекува од епидемијата со новиот Корона вирус.