Коронавирус во Македонија: Досега 241 лице заболено, наскоро монтажна болница со 130 легла

Досега во земјава се регистрирани 241 случај на заразени лица со коронавирус. Четири лица се починати, а тројца се излечени. Според местото на живеење, досега случаи на Ковид-19 се регистрирани…

Досега во земјава се регистрирани 241 случај на заразени лица со коронавирус. Четири лица се починати, а тројца се излечени.

Според местото на живеење, досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во: Скопје- 143, Дебар – 45 од кои двајца починати, Куманово – 20 од кои еден починат, Штип – 8, Прилеп – 8,Тетово- 4, Охрид- 3, Велес – 3, Струга – 3 од кои еден починат, Кавадарци – 2, Гостивар – 1 и Битола – 1.

Вчера почина една пациентка на 66 годишна возраст од околината на Струга. Пациентката имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок.

До Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби ќе се подига монтажната болница со капацитет до 130 болнички кревети.

Од Владата нагласија дека државните карантини се безбедни и строго контролирани. Објектите ги обезбедува полицијата и војската.

– Граѓаните сместени во овие објекти не се закана за никого, порачаа од Владата.

Владата апелираше до граѓаните да бидат уверени дека сите мерки што се преземени за прифаќање на нашите државјани кои се дојдени од странски земји се во согласност со највисоките здравствени стандарди.

– Станува збор за обезбеден капацитет од 2.104 легла во моментов во целата држава, во 19 сместувачки објекти, а од нив пополнети до сега се 1082 легла. Ниту еден граѓанин сместен во државен карантин во периодот од 14 дена не смее да ја напушти сопствената соба, ниту објектот, а секој кат од секој сместувачки објект е строго контролиран и обезбеден од војската и полицијата. За секој од нив е направена епидемиолошка анкета и определен е соодветен режим во карантинскиот објект кој е целосно безбеден и строго контролиран и надгледуван. Нема ниту најмал простор за загриженост, а најмалку за паника, обезбедени се највисоки здравствени стандарди и протоколи, нагласува Владата.

Сите мерки што се преземени за утврдување на локацијата и објектите за карантин, велат од Владата, се направени исклучиво согласно препораките на Светската здравствена организација и врз сериозни и стручни анализи и проценки.


Related Articles