Од денеска во Србија задолжителна е употребата на заштитни маски во превозот на патници, објави Владата на Србија по седницата на Кризниот штаб.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, кризниот штаб за заштита на здравјето на населението од коронавирус денеска одржа седница на која е разгледана актуелната епидемиолошка состојба во Србија.

Од денеска, задолжителна е употребата на заштитни маски во градскиот и меѓуградскиот превоз, а на патниците кои не носат маски нема да им биде дозволено да влегуваат во превозните средства, соопштија од Владата.

-Важно е да се напомене дека маските не мора да бидат хируршки, купени во аптека, туку граѓаните можат да користат и памучни маски за повеќекратна употреба и слично, се наведува во соопштението.

Што се однесува до затворените простори, кризниот штаб им препорача на сите граѓани да носат маски на сите затворени места, со посебен акцент на поштите, банките, јавните институции, како и продавниците и трговските центри. Владата на Република Србија ќе продолжи да го следи развојот на епидемиолошката состојба со големо внимание во наредните денови и редовно и навремено ќе ги информира граѓаните за сè, се додава во соопштението.

Имунологот и член на Кризниот штаб, Срѓа Јанковиќ, оцени за РТС дека состојбата со епидемијата на коронавирус е загрижувачка и дека е потребно малку да се „затегне обрачот“ за да се спречи ширењето на вирусот. Тој оцени дека мора да се спречи ширење на епидемијата кај пошироката популација и како важен чекор го спомена носењето маски во затворен простор и во јавниот превоз.

Според официјалните податоци, од коронавирус во Србија досега починале 262 лица, заразени се 12.990, а во изминатите неколку дена, на дневна основа регистрирани се скоро стотина нови случаи. Според истражувањето на БИРН бројот на смртни случаи и на заразени е далеку поголем од она што официјално е соопштувано.