Доктор Олга Лозановска денеска одржа прес-конференција на која посебно внимание обрна на бројот на новозаболени и на вкупниот број на дијагностицирани лица со Ковид-19 кој надмина 10 000. Последната бројка на новозаразени во едно деноноќие повторно покажа дека бројот на новозаболени е повеќе од 10 проценти од бројот на тестирани лица. Болеста се појавува и во оние помали места каде ја немаше, а во дел од поголемите градови бројот расте, рече Лозановска.

Во продолжение ви пренесуваме дел од интегралниот текст од одржаната прес-конференција:

– Епидемијата ескалира, бројот на новозаболени се зголемува, бројот на згаснати животи се зголемува поради неспособноста на СДСМ. Бројот на заболени од корона вирусот надмина 10 илјади, а бројот на починати се движи кон 500.

– За жал, последната бројка на новозаразени во едно деноноќие повторно покажа дека бројот на новозаболени е повеќе од 10 проценти од бројот на тестирани лица. А болеста се појавува и во оние помали места каде ја немаше, а и  во дел од поголемите градови бројот расте. На пример, Битола од град со релативно малку заболени станува лидер во регионот со активни случаи заразени од КОВИД-19. За само две недели бројот порасна повеќе од двојно и вкупниот број е 114 лица позитивни, од кои 60 се активни.

– Но, за надлежните се е под контрола иако не знаат дали ова е пик на првиот бран или втор бран, не ги знаат кластерите, не ги знаат изворите, не знаат што да превземат и како да настапат. Во меѓувреме, граѓаните страдаат, секој се снаоѓа како знае и умее. А често, нема термини за испитување, па оние кои можат одат приватно да се тестираат, а што со оние кои не можат да го сторат тоа? Наместо дел од решението, станаа дел од проблемот. Наместо решенија и креирање здравствена политика се фрлија на политикантство кое е недозволиво, посочи Лозановска.