Жителите на селата во Тиквешкиот регион во своите подруми чуваат маџун кој е стар и по неколку децении, а е наследен од нивните баби и дедовци. Велат колку постар е маџунот, толку е и полековит.

Овој збор може да се слушне и во Македонија и во Турција, но маџунот изгледа различно во двете земји. Кај нас, тој е лек и дел од здравата исхрана, а во Турција тој е бонбона. Во Македонија често го користеле сиромашните, а во Турција султанот Сулејман Величествениот и помогнал на својата мајка да оздраве со помош на овој моќен лек.

Овој гроздов засладувач е густ како сируп или мед и е моќен напиток за јакнење на имунитетот. Велат дека тој потешко се прави од виното, но е добар бидејќи им помага на луѓето како лек.

Се препорачува за мали деца, но и за возрасни и спортисти. Тој е лек кој помага при настинки, инфекции на дишните патишта, нарушена функција на хепарот поради жолтица или алкохолозам, при психички пореметувања и прекумерна тежина. Тој е 100% природен производ кој можете да го користите и како замена за шеќер.

Богат е со витамини, минерали, танини, флавоноиди и енергетски супстанци. Се добива со варење на гроздовиот сок исцеден од меленото грозје.

Приказната за овој природен засладувач е стара колку и грозјето, а во Тиквешијата, според археолошките истражувања, одгледувањето на виновата лоза има традиција стара повеќе од 2000 години. Во минатото, нашите баби и дедовци немале шеќер во изобилство како денес, бидејќи бил прилично скап, па слатките и колачите ги подготвувале со маџун. Маџунот го правеле од бели и црвени сорти грозје, но ги избирале оние поблагите, од кои се добивало многу повеќе маџун. Колку верувале во неговата лековитост, зборува фактот дека со маџун ги хранеле и бебињата, а денес науката овој начин на исхрана го докажа како исклучително здрав. Меѓу познавачите на маџунот, позната е изреката дека маџунот од бело грозје е храна, а од црвеното грозје е лек.

За гроздовиот слад се вели дека е хранлив како мајчиното млеко. Изобилува со минерали (калиум, натриум, калциум, фосфор, железо), витамини (Б1, Б2, Б3, Б6, Ц, А, Д), енергетски супстанци, танини, флавоноиди, антиоксиданси, гроздов и овошен шеќер, органски киселини. Токму поради тоа, маџунот претставува вистинска ризница на хранливи состојки, кој ќе ви помогне да го подобрите вашето здравје.

Се препорачува за зајакнување на имунолошкиот систем кај деца, рековалесценти, постари лица и спортисти. Помага при настинки и инфекции на респираторниот систем, психички нарушувања, прекумерна телесна тежина, запек, анемија, болести на кардиоваскуларниот систем, а посебно се препорачува кај луѓе со нарушена функција на црниот дроб заради прележана жолтица, алкохолизам, цироза и прекумерна употреба на лекови. Заради антиоксидаивните својства делува и антиканцерогено.

Маџунот претставува 100% природен производ без додаток на шеќер, адитиви и конзерванси. Може да се користи во секојдневната исхрана за засладување на чај, млеко, мусли или пак како прелив на торти, сладоледи и колачи. Со ова не само што ќе го подобрите вкусот на вашите омилени пијалоци и јадења, туку ќе направите вистински чекор напред кон подобрување на психофизичкото здравје.