Македонија е една од земјите со највисока преваленца на пушење тутун во Европа, покажаа најновите истражувања, презентирани од канцеларијата на Светската здравствена оганизација (СЗО).

Скоро половина од возрасната популација во Македонија пуши редовно цигари, а 70% од нив започнале да пушат на возраст до 21 година. Пушачите, просечно пушат по 18 цигари на ден – речиси по едно пакетче. И покрај одамнешната ратификација на Рамковната конвенција за контрола на тутунот (FCTC) во 2006 година, напредокот во спроведувањето на мерките за контрола на тутунот во Македонија сè уште не е на задоволително ниво.

Канцеларијата на СЗО во Македонија, во соработка со Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) одржа национална презентација на резултатите од Студиите за бихевиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажувањето од тутунот во Македонија, како и презентација на Случајот со инвестициите во тутунот во Македонија. Настанот се организира во Скопје, на 26 мај 2023 година, во пресрет на Светскиот ден без тутун, 31 мај.

Mинистерот за здравство, Фатмир Меџити, рече дека пушењето и употребата на тутун во нашата држава е на загрижувачки високо ниво, односно половина од населението пуши цигари секојдневно.

Употребата на тутун е главен фактор за морбидитетот и морталитетот од незаразни болести. Сите редовни и повремени корисници на тутун се изложени на ризик од различни негативни здравствени исходи во текот на животот. Европскиот регион на СЗО е еден од регионите на СЗО со најголема преваленца на употреба на тутун, имено, 26,3% од луѓето на возраст од 15 години и постари користеле тутун во 2018 година.

Д-р Ане Јохансен, ја оцени Националната презентација како „исклучително значајна активност во правец на ефикасна и ефективна контрола, регулација, спроведување и де-нормализација на пушењето во  Македонија, којашто ќе помогне на државата да позиционира во групата европски држави кои имаат забележителни резултати во намалувањето на бројот на пушачи и уживатели на тутун.

Како резултат на соодветните мерки, многукратно се намалуваат и притисоците врз здравствениот систем од што директна полза имаат не само уживателите на тутун, туку сите граѓани на државата.

При оценката за досега направеното, д-р Јохансен ја потврди посветеноста на Светската здравствена организација кон поддршката на Министерството за здравство и на другите релевантни национални институции од областа на здравствената заштита и кон натамошната партнерска соработка.