Народната Банка на Македонија најверојатно ќе ја добие првата жена гувернер, што ќе застане и на највисоката функција во државата. Таа треба да го замени сегашниот гувернер Димитар Богов, кому седумгодишниот мандат му истекува утре. Новата гувернерка е предлогот за нов прв човек на НБРМ од страна на претседателот Ѓорге Иванов, предлог кој треба да биде поддржан од најмалку 61 пратеник во Собранието. Истиот за гласање на идната гувернерка најверојатно ќе биде ставен на дневен ред уште на утрешната собраниска седница, која е веќе закажана.
Предлогот според најавите треба да добие поддршка и од СДСМ, кои позитивно гледаат на новиот предлог на претседателот. Од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека новиот предлог ќе го разгледаат па ќе се произнесат, додека од ДУИ молчат.
Анита Ангеловска Бежоска на оваа функција ќе дојде од вицегувернерско место во НБРМ, каде осум години беше задолжена за монетарната политика, истражувања и статистика, а по втор пат за вицегувернер е избрана во септември лани, кога доби поддршка во собранието од 97 пратеници.
Во биографијата која што стои на сајтот на НБРМ, таа има 47 години, родена е во Гетеборг, Шведска и е мајка на три деца. Од 2004 до 2010 била главен економист во Народната банка, а била и ангажирана во Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон. Дипломирала на Економскиот факултет во Скопје со просел 9,4. Познава четири странски јазици.
Според анкетниот лист, првата жена гувернер во историјата на Македонија пријавила три стана, автомобил, хартии од вредност и кредит.
Инаку, на позицијата гувернер треба да застане човек кој ќе ја гарантира независноста на институцијата, и ќе се грижи за развој и унапредување на банкарскиот систем и за финансиската стабилност на државата, кој ќе работи исклучиво во интерес на граѓаните на Македонија.
Станува збор за исклучително значајна позиција, поради што личноста што ќе застане на чело на НБРМ мора да произлезе преку здрав и аргументиран дијалог помеѓу највисоките државни функционери.
Инаку, предлогот Ангеловска Бежоска да биде гувернер следуваше откако Богов, кој иако претходно беше предложен за втор мандат од страна на Иванов, ја повлече кандидатурата под влијание на, како што кажа, реакциите и роковите за избор на челната позиција на Народната Банка.