Месец март е Меѓународен месец за подигање на свеста за ракот на дебелото црево, а први март е Националниот ден за подигање на свеста за ракот на дебелото црево,

Секоја година од рак на дебело црево во Македонија умираат околу 500 луѓе или 482 во 2021 година, што ја рангира оваа болест како втора водечка причина за смрт на малигни тумори кај мажите (303) и кај жените (179) и ја прави социо-медицински проблем, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Ракот на дебелото црево е едно од најчестите малигни заболувања на модерното време, со околу 1,8 милиони нови случаи во светот секоја година, што претставува околу 10% од сите случаи на малигни тумори. Според последните податоци од 2021 година, кај нас има 747 нови случаи, од рак на дебело црево (колон, ректум и сигма).

Ракот на дебелото црево најчесто ги погодува постарите лица, по 70-годишна возраст, но во последната деценија е јасен тренд на зголемување на инциденцата кај младите, на возраст под 40 години. Се покажа дека овде возраста може да биде прогностички фактор, односно дека возраста на пациентите под 40 години има влијание врз поагресивната форма на болеста и пократко севкупно преживување.

Посебен проблем, кај нас и во светот е големиот процент на пациенти со метастатско заболување во моментот на дијагнозата, најчесто во црниот дроб, кај околу 25% од пациентите. Додека во најраните стадиуми на болеста, петгодишното преживување е над 90%, во првичните метастатски форми тоа е околу 10-15% од пациентите.

Точната причина за колоректалниот карцином не е целосно позната. Засега знаеме дека се јавува како резултат на влијанието на наследните и еколошките фактори, исхраната и начинот на живеење.

Симптомите на малигнен тумор на дебелото црево првенствено зависат од локацијата на туморот и може да се манифестираат како: крварење во столицата, неправилна столица, течна столица, синдром на ретка столица, наизменичен запек и дијареа, чувство на недоволно празнање, надуеност, отсуство на гасови и столица.

Некогаш прв и единствен симптом може да биде појавата на слабост и замор поради анемија, што е последица на долготрајно секојдневно крварење во столицата кое не ја менува бојата на столицата. Еден од важните проблеми при поставувањето на дијагнозата, односно рано откривање на тумор на дебелото црево, е присуството на крв во столицата, која се третира како последица на хемороидално крварење и може да доведе до погрешно поставување на дијагнозата без понатамошен преглед, односно колоноскопија.

Дијагнозата на рак на дебелото црево често се поставува со колоноскопија кога ќе се види туморска промена, од која се зема парче ткиво (биопсија). Со оваа процедура е важно точно да се утврди каде се наоѓа туморот, како изгледа и за каков тип на тумор се работи. Во најлошите случаи, кога операцијата на дебелото црево се јавува поради болка, крварење или застој на црниот дроб, дијагнозата се поставува при самата операција.