Од вчера е укинат полицискиот час. Но, и покрај олабавувањето на рестриктивните мерки, во сила остануваат препораките на Владата и Министерството за здравство за заштита од коронавирусот.

Од Министерството за здравство апелираат до граѓаните во целост да ги почитуваат мерките и препораките, особено за задолжително носење на заштитна опрема, често миење и дезинфицирање на рацете, како и одржување на потребната физичка дистанца од 1.5 до 2 метра.

– Само преку почитување на овие мерки, може да го заштитиме нашето здравје и здравјето на најблиските. Од сите нас зависи успешното справување со коронавирусот, порачуваат надлежните.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека здравствениот систем добро функционира, добро ги менаџира сите новодијагностицирани случаи и може полека да се враќа животот во нормала, но, сепак, потребно е внимание и почитување мерките.

-Попуштаме со рестрикциите, но не сакаме да ги преполниме болниците. Во оваа ситуација сите имаме одговорност – да ги почитуваме мерките. Од сите нас зависи и нашето индивидуално здравје, здравјето на нашите најблиски, но и колективното здравје, истакнува Филипче.

Предупредува дека е можен втор бран на вирусот наесен, и во тој случај повторно би се имплементирале рестриктивните мерки, но како што вели, државата е подготвена и располага со дополнителен капацитет и опрема на клиниките.

Од МВР најавија дека и покрај укинувањето на рестрикциите за движење, полицијата и натаму ќе врши и ќе ја зајакне контролата на спроведувањето на владините одлуки за заштита на здравјето и животот на граѓаните, особено за носењето заштитна опрема и држењето на потребанат дистанца.

– Апелирам да го задржиме потребното ниво на одговорност и дисциплина и да ги почитуваме мерките и одлуките на Владата за задолжително користење лична опрема, за групирање и држење физичка дистанца. МВР останува посветено на контрола на овие одлуки на Владата и заштита на здравјето и животот на граѓаните, порача министерот Наќе Чулев.

Според евиденцијата на полицијата, досега 1973 граѓани се санкционирани за непочитувење на обврската за задолжително носење лична заштитна опрема. Само вчера биле регистрирани 284 такви прекршоци.

Министерството за здравтсво соопшти дека во изминатотото деноноќие се потврдени нови 25 случаи на КОВИД-19, три лица починаа, а 17 се оздравени.

Од новозаболените, 14 се во Скопје, четворица во Штип, по двајца во Куманово и во Тетово, и по еден во Прилеп, Струга и Велес.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 2039, бројката на оздравени пациенти е 1470, на починати 119, а во моментов активни случаи се 450. (МИА)