Фондот за здравствено осигурување изрекол парични казни на матичните лекари за неправилности констатирани во 2018 и 2019 година. Матичните лекари паричните казни ги добиле во текот на минатиот месец, а ФЗОМ ги изрекол во време на мораториум.
Токму затоа во изјава за медиумите претседателката на здружението на матични лекари, доктор Лилија Чолакова-Дервишова, посочила дека се разочарани од односот на Фондот и сметаат дека е време да се отворат повеќе фондови со цел да се избегне монополскиот однос на ФЗОМ.
Според информациите во медиумите казните се во износ од 15 до 25 илјади денари, а претседателката на Здружението најавила барање за покачување на капитацискиот бод на 90 денари. Од Здружението по општа медицина-семејна медицина (ЗЛОПСМ) во писмена реакција до Владата и до Собранието побарале поништување и повлекување на сите донесени решенија за изречените договорни казни што се повикуваат според Договорот помеѓу ФЗО и приватните здравствените установи.
Инаку од Фондот за здравствено осигурување посочиле дека излегле во пресрет и го прифатиле барањето на Лекарската комора и Здружението на приватни лекари, да се стави мораториум, мирување за изрекување на договорни казни во период од 1.1.2019 до 30.6.2019 година.