По примањето на вакцина против ковид-19 граѓаните ќе можат да добијат сертификат за завршена имунизација. Сертификатот ќе може да се подигне од страна на матичниот лекар. Дел од матичните лекари не знаат дека имаат ваква можност, со што нагласуваат дека за да го сторат тоа мора и официјално да бидат известени.

Претседателот на Здружението на приватни лекари на Македонија, Лидиja Чолаковска Дервишова во телефонски разговор посочи дека матичните лекари не се известени дека можат да издаваат сертификати, но дека еден од друг слушнале дека во софтверот има таква можност со внесување на матичниот број.

Пред два дена од Министерството за здравство изјавија дека ќе се издава потврда со QR code, на македонски и англиски јазик. Сертификат ќе добијат сите граѓани што примиле вакцина со ревакцина и имаат потреба од сертификат. Насоките за изработка на овој сертификат се од „Јуроп хелт нетворк“ на Европската комисија, каде што предвидоа сет на податоци што ги содржи кодот, односно тој сертификат, а тоа се – име и презиме, датум на вакцина и ревакцина, како и тип на вакцина. На сертификатот, исто така, ќе има и дигитален печат од Министерството за здравство.

Сертификатот може да се добие и како потврда и во електронска форма.

Сертификатот за завршена имунизација против коронавирусот на граѓаните им е важно да го поседуваат бидејќи стана неопходен документ за патување во голем број на земји, а веројатно ќе биде потребен и за други намени внатре во земјата.