За време на епидемијата на коронавирусот граѓаните купуваат повеќе производи од маркетите и аптеките, но затворени се други бизниси во угостителството и туризмот, со што се отвора прашањето за количините на создаден отпад. Активисти сметаат дека во овие услови се создава повеќе медицински отпад и апелираат граѓаните да се обидат да го селектираат.

Во деновите за време на забраните за движење поради кризата со новиот коронавирус, низ главниот град Скопје се забележуваа преполни контејнери со отпад.

Додека стравот од заразата ги празнеше рафтовите на маркетите, екипите на комуналните служби информираа дека во Скопје само за 24 часа собрале и траспортирале 1.000 тони отпад од 6.000 контејнери поставени во сите скопски општини, како што објави ЈП „Комунална Хигиена.“

Граѓаните периодов купуваат повеќе храна, средства за хигиена и дезинфекција, многу производи запакувани во пластика, но прашање е дали тоа ќе го продолжи трендот на зголемено создавање на отпад по глава на жител како што покажуваат официјалните податоци, или пак бројќите ќе се намалуваат, со оглед на затворените ресторани и запрениот туризам.

Растечкиот тренд на зголемено создавање отпад по глава на жител го покажуваат статаистичките податоци на државата (ДЗС), според кои во 2019 година граѓаните создале 1,1 процент повеќе комунален отпад во однос на претходната година, односно секој жител создал по 456 килограми комунален отпад.

Сепак, претставници на граѓански организации, кои ја следат состојбата со управувањето со отпад, сметаат дека во земјава долго време постојат проблеми околу официјалните пресметки и бројќите за количините на создаден отпад.

Блаже Јосифовски од грѓанската организација „Ајде Македонија“ вели дека според она што може да се забележи во другите земји, генерирањето на отпадот за време на кризата е опаднато, бидејќи иако граѓаните купуват повеќе храна и санитарни продукти, тие во моментов не одат во рестораните.

Јосифовски укажува дека во ситуацијава со кризата постои опасност од контаминација на комуналниот отпад од зголемената употреба на медицински производи.

„Во светот е опаднато количеството на создавање на отпад и сигурно така е и кај нас, но ние никогаш немаме добри бројќи. Единствено има зголемено генерирање на медицински отпад и тука државите преземаат мерки за да се спречи контаминација на комуналниот од медицинскиот отпад. Граѓаните користат делови од медицински отпад со кој можат да го контаминираат комуналниот отпад од аспект на вирусот и тука треба да се обрне посебно внимание“, вели Јосифовски.

Тој додава дека во Македонија генерално недостасува целосно собирање на медицинскиот отпад и пред почетокот на кризата и според него во оваа насока треба да се направат напори за да не дојде на ширење на заразите.

Неточните информации создаваат проблем во донесувањето на вистински одлуки за добро менаџирање со отпадот, смета Јосифиовски.

Графика - Медицински отпад
Графика – Медицински отпад

Тој апелира граѓаните да внимаваат при користењето на медицинскиот отпад и искористените медицински прозиводи, на кои може да има ткива кои потенцијално може да бидат заразни, да се обидат да ги одделат од комуналниот отпад, односно да не ги фрлаат на исто место.

„Деловите со медицински отпад граѓаните треба да ги враќаат во самите аптеки од каде ги користеле за да не дојде до загадување на комуналниот отпад. Тука за жал имаме друг проблем што многу од аптеките ги враќаат граѓаните и не го земаат медицинскиот отпад, што е случај на пример во Хрватска и Словенија, а да не зборуваме за Австрија и Германија“, вели Јосифовски.

Медицинскиот отпад треба да биде одделен од комуналниот отпад, а деловите од комуналниот отпад што може да се рециклираат исто така да се одделат: пластика на едно место, стаклото и хартијата на друго. Дел од отапдот може да се остава во контејнерите, а дел до контејнерите, доколку нема посебни канти, за потоа да ги соберат неформалните собирачи, вели Јосифовски.

За воспоставување на целосен систем за управување со отпадот во земјава, предвидена е реализацијата на Регионалните планови за управување со отапд и отворање депонии во сите плански региони (Североисточен, Југоисточен, Пелагониски, Полошки и Скопски регион)

Но, овие проекти и натаму не се реализирани, главно бидејќи општините, на чија територија се планирани депониите, ја блокираат нивната изградба.

Спроед Законот за управување со отпад, предвидено е формирање на осум регионални депонии за да се реши проблемот со отпадот во општинските депонии кои не исполнуваат стандарди за заштита на животната средина, како и со отпадот од бројните диви депонии на стотици локации во земјава.

Секторот Отпад е и втор најголем извор на стакленички гасови во Македонија, главно поради создавање на гасовите од депониите за цврст отпад, биолошки третман на цврст отапд, согорување и отворено горење на отпад и третман и испуштање на отпадни води, според податоците на Вториот двогодишен извештај за климатските промени на Македонија.

„Овој тренд се должи на зголемувањето на количината на отпад (комунален и индустриски)“, се вели во документот во кој се наведува дека од вкупната количина на генериран отпад, околу 75 отсто се однесени на депонија, а останатиот дел бил согорен на отворено, односно е во категоријата на Согорување и отворено горење на отпад.

Во документот е наведено дека според достапните податоци проценките се дека ќе има континуиран раст на емисиите на стакленички гасови во овој сектор, односно дека вкупните емисии ќе се зголемат за 97 проценти во 2035, во однос на 2012 година.