Комисијата на јавната установа Меѓуопштински центар за социјални работи Скопје-Карпош, на осумдесет и двегодишниот Добре Лазевски од Скопје, кому му е дијагностицирана деменција со Алцхајмер, како и Алцхајмерова болест во напредната фаза, донела одлука дека не му е потребна нега и може сам да се грижи за себе. Со оваа одлука му се укинала помошта од 4711 денари, објавија денеска дел од македонските електронски медиуми.

Како што се вели во објавата, Комисијата проценила дека пациентот не го остварува правото на надоместок и дека може сам да се грижи за себе. Но за семејството Лазевски оваа одлука е апсурдна и тие денес поднеле жалба на ваквото Решение до Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје-Карпош. Месечната сума од 4.711 денари овој човек ја земал во период од околу 5 години, а семејството вели дека болеста не се повлекува, туку прогресира. Тие прашуваат како може за пациент со ваква дијагноза да се процени дека може сам да се грижи за себе.

Во изјава за еден од македонските електронски медиуми, ќерката на пациентот, Весна Цветановска, објаснува дека нејзиниот татко ги исполнувал условите да дојде комисија дома да го прегледа, но донесува одлука дека сам за себе може да се грижи и му го укинуваат и тој надомест што го зема, а за него се грижи нејзината мајка. Таа посочува и дека на Добре фатен му е центарот за говор, тешко оди, а за транспорт треба да ангажираат повеќе лица, бидејќи за да обезбедат документи на неколку месеци мораат да го носат од едно место на друго.