Единствен начин за да делуваме на намалување на загадувањето на воздухот веднаш е во оние средини каде се користат дрвата или друг начин на затоплување, најчесто дрвен отпад, а неретко и гуми- не се тие корисници виновни туку социјалната состојба им е таква да бидат приморани, да биде заменета со друг енергенс прифатлив за нив, а тоа е централно затоплување. Како ќе дојдеме до централно затоплување најефтино- преку градба на когенеративни гасни постројки кои во текот на зимата ќе произведуваат и електрична енергија и истовремено топла вода која преку топловодите ќе биде дистрибуирана до средините кои денеска користат енергенс кој за жал емитува ПМ 2,5 и ПМ 10 честички во воздухот и тоа е 60% од факторот кој влијае на загадување на воздухот.
Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, кој најави потенцијална инвестиција од една милијарда евра, а со која ќе се намали загадувањето на воздухот.
-Работиме на неколку такви проекти. Денес имам состанок во Владата со потенцијален инвеститор кој сака да инвестира една милијарда евра во ваков тип на производни капацитети. Се ќе биде по пазарни услови. Преговорите се со инвеститори во кои што моја цел е и државата да биде дел од пакетот, да биде косопственик во самата инвестиција, со земја, со приклучоци… Ќе видиме како ќе завршат овие преговори и ако биде се како што треба, овој процес нема да биде преку ноќ, но ќе почнеме во текот на идната година. Очекувам во период до три години сето ова да се заврши,додава Мицкоски.