Косово делумно ги повлече царините за дел од македонските земјоделски производи. Министерот за економија Крешник Бектеши кој разговараше со косовскиот колега Бајрам Хасани за повлекување на царините, не доби амин за целосно укинување на мерките. Доматите, пиперките, грозјето, сливите, јаболката, крушите и малините, се уште се наоѓаат на листата со зголемени царини.
Допрва ќе се бројат милионските штети за земјоделските производи.
- Со колегата Хасани имавме подолга, но многу конструктивна средба, на која аргументирано ги образложивме нашите ставови за потребата од целосно укинување на царините. Иако мерката е делумно повлечена за поголем број производи, односно од 21, таа остана сѐ уште на сила за само 7 продукти, и тоа за доматите, пиперките, грозјето, сливите, јаболката, крушите и малините, сепак повеќето се сезонски и на нив отпаѓа најголем дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар, вели Бектеши.
Инаку, министрите од регионот во Белград на заеднички состанок ја повикаа косовската Влада целосно да ги укине зголемените царини за извоз на земјоделски производи.
Тие веќе дадоа согласност да се формира оперативно тело кое ќе има задача да работи на решавање и укинување на сите трговски бариери, се до стапување на сила на ЦЕФТА Договорот, кој предвидува механизми за решавање спорови.
Повисоките царини за 30% за извоз удрија врз пласманот на речиси сите производи. Македонија која има значителен суфицит во размената со Косово, е еден од најзначајните трговски партнери на земјава. Земјоделците на кои и онака им е уништена оваа сезона, царинската бариера дополнително ги дотолчи.