Пандемијата на ковид-19 сè уште не е завршена, иако многумина мислат така. Мал е бројот на лица кои примиле прва доза, мал е бројот и на лица кои примиле трета доза. Затоа апелирам до граѓаните да се вакцинираат, бидејќи вакцините се сигурни и безбедни и се ефикасни во борбата против коронавирусот, истакна министерот за здравство, Беким Сали при примопредавање на првиот дел од донацијата на 250.000 дози на вакцини со потпис на „Фајзер“ преку Ковакс механизнот и УНИЦЕФ. Вториот дел од донацијата е најавен дека ќе пристигне во земјава во среда.

Благодарност до италијанската влада за оваа донација. Ние како министерство се грижиме во континуитет да имаме доволен број на вакцини и сакаме оваа акција за вакцинација да биде општо прифатена од нашите граѓани. Единствен начин за заштита од ковид-19 во моментот е вакцинација, порача министерот Сали.

Донацијата, во име на италијанската влада, ја врачи амбасадот на Италија во земјава, Андреас Силвестри. Инаку, јавноста беше информирана пред само неколку дена дека 300.000 вакцини ќе се фрлаат во депонијата Дрисла бидејќи рокот на употреба е до крајот на февруари, а потоа ќе отпочне постапка за нивно уништување.