Досега во земјата се направени 17.246 тестови за Ковид-19, информираат од Министерството за здравство, од каде додаваат дека кривата на излекувани пациенти стрмо расте, додека бројот на активни случаи има одличен пад.
Од ресорното министерство објаснуваат дека опаѓа бројот на пациенти кои имаат индикации за тест, а следствено на тоа опаѓа и бројот на направени тестови.
„Според информациите од приватните лаборатории, барањата за тестирање се исто така значително намалени. Времето на чекање за тестирање исто така е сведено на минимум, односно еден ден“, се наведува во соопштението.
Според денешните податоци, во последните 24 часа во земјава имало само 5 нови случаи од вкупно 249 тестирања што претставува стапка од 2% позитивни од сите направени тестови во едно деноноќие.
Од Министерството велат дека ваквите податоци се охрабрувачки, но нагласуваат дека ситуацијата будно ќе се следи сѐ до целосно спласнување на епидемијата.