Техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи денеска одржа прес конференција на која кажа дека во рамки на своите надлежности ќе направи се за исправување на „неправадата“ која им е нанесена на Децата без родители. При тоа во очи падна таблата зад министерката на која јасно се гледа дека сега пишува Република Македонија, министерство за труд и социјална политика. Тоа значи дека за ова министерство повеќе не сме Република Северна Македонија.

Во продолжение ФБ статусот на министерката Мизрахи. Таа напиша:

-По остварената средба со претставници на лицата кои до 18 години имале статус на деца без родители и без родителска грижа, се заложив како министер да направам сѐ што е во рамки на моите надлежности за исправување на „неправадата“ која им е нанесена.

Имено, заради полесна интеграција во општествениот живот на оваа категорија на лица, Министерството за труд и социјална политика во 2013 година ја започна со реализација Програмата Д-10, за вработување на лица кои до 18-годишна возраст имале статус на дете без родители и без родителска грижа и во истата беа утврдени конкретни мерки за вработување на овие лица.

Од 2013 до 2016 година со Програмата беа вработени вкупно 143 лица од оваа категорија на граѓани. Бројките се доволен показател за успешноста на оваа мерка, но од неразбирливи причини истата беше стопирана од страна на претходниот министер Мила Царовска.Таа, иако имаше објавен оглас во 2016 година, не вработила НИТУ едно лице, односно не биле преземени никакви постапки за селекција на пријавените кандидати и не биле донесени одлуки за избор иако имало доволен број на пријавени кандидати.

Иако е една од најаранливите категории, на кои им е неопходна помош и поддршка да се справат со предвизиците кои ги носи животот по напуштање на домот и згрижувачките семејства, НЕ СЕ превземени никакви мерки за вработување на ниту едно лице кои до 18 – годишна возраст кои имале статус на дете без родители и без родителска грижа.

И покрај барањата и укажувањата на лицата за спроведување на оваа Програма и остварените средби со претставниците на Владата овие проблеми не се надминати.

Ја користам оваа можност, да Ве известам дека до Владата на Република Македонија доставив Информација за вработување на лица кои до 18-годишна возраст имале статус на дете без родители и без родителска грижа во 2020 година со која ги информираме и бараме согласност за вработување на лица од оваа категорија на граѓани.

Овие лица заслужуваат сигурна работа, редовна плата, како и можност за социјализација и интеграција во општествениот живот и неопходно е да се преземат конкретни и реални мерки.

Министерството за труд и социјална политика мора да пружи рака на најранливите и оние на кои им е најопходна поддршка!