Откако триесетина деца згрижени во кумановската градинка „Ангел Шајче“ се пожалија на грчеви во стомак, болки и дијареја, инспектори од Државниот санитарен здравствен инспекторат, од Агенцијата за храна и ветеринарство и епидемиолог од Центарот за јавно здравје спроведоа вонреден инспекциски надзор и контрола.
Мострите земени од Агенцијата за храна и ветеринарството, покажале присуство на салмонела во пакување од мајонез. Од Центарот за јавно здравје Куманово информираат дека лабораториските испитувања потврдиле салмонела кај 31 дете.
Од Министерството за труд и социјална политика посочија дека упатствата за подготовка на оброците во детските градинки се изработени од Републичкиот Завод за домаќинство и подолг период не се променети. Тие истакнаа дека мајонезот не се користел како примарна храна, туку бил застапен само во количини под 10 проценти и дека ќе се погрижат за сите производи кои не ги задоволуваат стандардите за здрава храна.
– Сакаме да информираме дека мајонезот воопшто не се користел како примарна храна туку во многу мали количини под 10 отсто, како додаток при подготовката на свежа паштета од туна и од пилешко месо. Со новите упатства за подготовка на оброците мајонезот целосно ќе биде исфрлен. Министерството за труд и социјална политика во согласност со своите надлежности, ќе ги преземе сите мерки за утврдување одговорност за случајот, велат од МТСП.
Инаку три од дечињата завршија на болничко лекување, а останатите по примена терапија беа пуштени на домашно лекување.