Седумнаесет лица, од кои десет деца завршиле во болница со жолтица. Од клиниката за инфективни болести велат дека најголем дел од хоспитализираните се од Скопје и се деца на училишна возраст. За само четири месеци регистрирани се 60 случаи со ова заразно заболување во главниот град, што е двојно повеќе во споредба со истиов период лани.

„Заразните заболувања кои се наменети за детската болест, а А Хепатитот спаѓа во таа група на болести, поминуваат полесно, додека пациентите кои што се повозрасни а се заразуваат со условно кажано детските заболувања потешко поминуваат. Значи кај возрасните пациенти А хепатитот има продолжена клиничка слика, обично тие се пожолти и со поизразени симптоми и имаат повисока ензимска активност.“ – изјави д-р Марија Димзова – Клиника за инфектвини болести.

Во училиштата каде се регистрирани заразени деца е направена вонредна дезинфекција а епидемиолозите потенцираат дека во училишните тоалети мора да има течен сапун за раце за редовно одржувањe на личната хигиена на вработените и учениците. Заболениот ја носи заразата две недели пред и две недели по болеста.

„Извор на зараза е болен човек, така што дури и оние пациенти кои што се наоѓаат во инкубацискиот период се заразни, што значи тие се уште немаат симптоми и не се пожолтени, а може да ја шират болеста.“ – изјави д-р Марија Димзова – Клиника за инфектвини болести.

Симптомите за жолтица се мачнина, болки во зглобовите и пожолтување на кожата и белките во очите.

Жолтицата уште се нарекува и болест на валкани раце. Затоа лекарите потенцираат дека најдобрата превенција е често миење на рацете со вода и сапун.

последните статистики покажуваат дека само 58 отсто од децата мијат раце по употребата на тоалет. Притоа сапун употребуваат само 28 отсто од девојчињата, а осум отсто од момчињата.

Извор: 24Вести