Министерот за здравство, Венко Филипче, ги соопшти новите мерки кои се донесени за спречување на ширењето на Ковид-19.

По одлуката за прогласување на пандемија на коронавирусот на глобално ниво, Владата ќе постапи по дадените препораки од СЗО, а ќе следуваат и разговори со претставникот на СЗО во државава како и со регионалниот директор.

Од министерството за здравство препорачуваат сите вработени во здравствениот сектор да не користат годишни одмори, боледувања и слободни денови, додека пак телефонскиот број на ало докторе ќе биде пренаменет во кол центар, со зголемен капацитет кој ќе дава одговори/информации во врска со болеста COVID-19 (корона вирус).

 – Донесовме и мерка здравствените рабтници да бидат целосно на располагање, да нема земање одмори, ниту пак боледувања, освен ако тоа не е неопходно. Сите здравствени работници ни се важни. Денеска и утре ќе имаме состанок за тоа од каде би регрутирале доктори и медицински сестри од другите клиники кои имаат искуство во третман на пациенти во одделение за интензивна нега, за доколку има потреба да помогнат на колегите на Инфективна клиника. Веќе имаме план со Клиниката за анестезија и со интензивниот оддел на Клиниката за неврохирургија – рече Филипче.

Исто така се препорачува МТВ да ги емитува сите заклучоци, мерки и препораки на владата за заштита од коронавирусот.

Да се зајакнат контролите на граничните премини. Да се прекине со работа на студентски домови и библиотеки, во наредните 14 дена, а вработените лица во овие институции да бидат ослободени од работа во овој период.

Органи на државната управа, јавните претпријатија и приватниот сектор се задолжуваат за вработените кои користат оправдано отсуство до надлежните организациони единици за човечки ресурси да побараат од овие лица да достават доказ, потврда од градинка, копија од патна исправа за возраста на детето и копија од свидетелство. Ова е мерка за родителите кои имаат деца до 10 години. Родителите чии деца не посетуваат градинка не се ослободени од работа.

Вработените во МВР, здравство, армија, одбрана, царинска управа, домови за нега на стари лица да се изземат од заклучоците и мерките на владата.

Да се изврши дезинфекција на сите градинки и училишта. Децата да не се носат во игротеки, а доколку престојуваат надвор да бидат во помали групи.

Министерот апелираше и дека мерките важат за сите, во спротивно ќе се санкционираат тие кои не ги почитуваат.