Откако пред неколку дена падна дел од системот на Фондот за здравствено осигурување во кој се наоѓаат личните податоци на сите здравствено осигурени лица во земјава, оттаму известија дека станува збор за технички проблем и нефункционалност на дел од серверите на ФЗОМ.

При тоа на официјалната веб страна на Фондот не можеше да се отвори делот „Мое осигурување“. Од ФЗОМ во тој момент известија дека технички тимови работат на дијагностицирање и отстранување на проблемот. Минатата година имаше ист таков случај на пад на системот, но тогаш проблемот беше нефункционалност на системот „Мој Термин“, па пациентите не можеа да си купат лек во аптеките.

Денеска од Управата за електронско здравство информираат дека националниот систем за електронска евиденција во здравството, „Мој термин“, функционира непречено.

– Пациентите можат континуирано да се лекуваат во сите здравствени установи и матичните лекари можат да вршат секојдневни прегледи, да издаваат упати и рецепти, кои се подигнуваат во аптеките без застој, се наведува во соопштението.