Научниците од австралиската сојузна држава Квинсленд, идентификувале генетски „подвид“ на новата верзија на коронавирусот SARS-CoV-2 наречена омикрон, пренесува весникот The Guardian. Оваа генетска промена е откриена кај вториот Австралиец кај кој е идентификувана заразата со омикрон верзијата, кој неодамна допатувал од Нигерија, изјави министерката за здравство на австралиската сојузна држава Квинсленд, Ивет Д’Ат.

Инфектологот и микробиологот од Австралискиот национален универзитет, Питер Колињон, верува дека новата подваријанта најверојатно ќе се прошири во различните делови на земјата, но не може да се нарече нов сој.

Како што пренесуваат австралиските медиуми, повикувајќи се на стручњаци кои ги консултирале, новата верзија на SARS-CoV-2 ги задржала околу половината од генетските промени на омикрон варијантата. Сепак, за разлика од својот претходник, подваријантата ја нема карактеристиката „пролапс (откажување) на S-геномот“. Веројатно поради тоа е и потешко да биде откриен со PCR тест.