Стапалата се важен дел од човечкото тело, иако на нив некако не посветуваме доволно внимание. Проблемите поврзани со стапалата може да укажуваат на разни здравствени проблеми, па затоа треба правилно да се грижиме за да ги заштитиме.

Прочитајте кои секојдневни навики што ги правите штетно влијаат на вашите стапала:

  • Носење ист број на сите обувки

Бројот на обувки треба да биде различен за спортските обувки (патики), високите потпетици или ниските чевли.

Обично, патиките треба да бидат покомотни за да може кожата да диши и да има простор стапалото да се движи, додека другите обувки треба да бидат сосема точни. Внимавајте да не бидат претесни за да не предизвикаат болки и оштетување на ноктите на палците.

  • Долго трчање со нови патики

Кога купувате нови патики за трчање, не трчајте долго првиот пат кога ќе ги облечете. Исто е и со сите нови обувки. Потребно е време постепено да се „разгазат“, па не поминувајте многу време во нив на првото облекување.

  • Неправилно сечење на ноктите

Ако имате проблеми со нокт кој ви сраснува во месото на прстите, никако не експериментирајте сами. Посетете стручно лице кое ќе го исече ноктот со стерилни алати на правилен начин.

  • Често носење на ниски обувки

Многу жени постојано носат ниски обувки бидејќи се удобни. Но, ниските обувки прават поголем притисок на стапалата и тоа може да предизвика болка, отоци и други проблеми.

  • Носење на износени обувки

Обувките кои веќе ја изгубиле формата не треба повеќе да ги носите. Тие можат да влијаат на формата на стапалата и да предизвикаат проблеми со ‘рбетниот столб и коските на целото тело.

  • Трчање без чорапи

Чорапите ја впиваат влагата, штитат од отоци и плускавици и му даваат дополнителна потпора на стапалото. Затоа, додека трчате, задолжително облечете чорапи пред да ги ставите патиките.