Граѓаните секој месец очекуваат да се зголемат квотите со лекови во аптеките, па и по 15. во месецот да има лекови на рецепт, но Фондот за здравствено осигурување, најверојатно, од јануари планира да ги намали квотите на аптеките кои се во синџир, односно имаат повеќе организациони единици.
На поплаките на граѓаните во поголемите градови дека лекови на рецепт има само до 15. или евентуално до 20. во месецот, по што мора приватно да си ги купуваат, од Фондот за здравство неодамна најавија дека ќе се преземат мерки за да има повеќе лекови од позитивната листа во апеките.
Иако граѓаните, исто како и аптеките, очекуваат да се зголемат месечните износи за лекови што им се распределуваат на аптеките (квотите со лекови), се чини дека дел од средствата само ќе бидат пренаменети од едни на други аптеки, наместо за оваа ставка да се даде поголема „инфузија“.
За лекови што се на товар на Фондот за примарната листа од здравствената каса се одделуваат по околу 30 милиони евра годишно.
– Очекувавме квотите да ни се зголемат, но нѐ облеа „студен туш“ кога ја видовме предлог-одлуката (во нацрт верзија) со која квотите со лекови од позитивната листа кои се издаваат на рецепт, ќе ни се намалат! Тоа, освен што ќе се одрази директно на нашето работење, ќе влијае и на достапноста на лековите на рецепт за граѓаните. Зошто Фондот одделува синџир аптеки од аптека и како може аптека која има 5 аптеки (организациони единици) да добие слична месечна квота со некоја аптека која има 100 аптеки? – реагираат од неколку синџири на аптеки, кои имаат и до 98 отсто исполнетост на квотите.
Аптеките ќе добиваат и минимален износ по осигурено лице на ниво на подрачна служба, кој се утврдува на 90 денари.
Како што стои и во образложението од оваа предлог-одлука, новиот максимален износ на квота е „да се намалат разликите во квотите кои претходно биле утврдени, а според кои разликите во аптеките од иста подрачна служба ги насочувале осигурениците да одат во аптеки кои се и подалеку од нивото место на живеење“.
Кога Ден Дончев ќе започне да работи во интерес на граѓаните, кога и така го нема и не е присутен воопшто? Кога Дончев ќе ги слушне потребите на пациентите и ќе ги зголеми квотите според потребите не да се претура само од шупливо во празно?