Здружени организации ја повикаа Државната комисија за спречување на корупција да реагира за начинот на донесување на предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, кој Владата бара под итна постапка со европско знаменце да се донесе во Собранието.

Активистите велат дека граѓаните кои бараат лек од канабис ќе продолжат да го купуваат од црниот пазар, изложувајќи се себе си на ризик од криминализација, а во исто време се заоструваат критериумите и се бирократизира постапката за одгледување и производсвтво за канабис, со што се зголемуваат трошоците, а со тоа и цените на лековите.

Од друга страна, сметаат од таму, Владата си дава одлучувачка улога во доделувањето на лиценци без надворешно контролирање на критериумите а спорно е и барањето за банкарска гаранција од 500 000 евра за да се добие дозволата.

„Со законот се регулирани условите и начинот за одгледување и производство на канабис за медицински цели на уште порестриктивен начин од досегашниот а, со тоа се овозможуваат услови за монополизација и политичко влијание преку процесите на доделување лиценци.“ – велат од „НВО БИЛКА“, „О2“ и „Плоштад Слобода“.

Инаку вчера се одложи Собраниската седница за предлог – законот, а организациите бараат законот повторно да се врати кај предлагачот – Министерството за здравство и да се доуреди преку демократски и транспарентен процес на донесување на законските решенија.