Игор Николов, претседател на Комисијата за здравство во ВМРО-ДПМНЕ во неговото гостување на едно од македонските радија зборуваше за проблемот со лековите за лицата со ретки болести и посочи дека медицинскиот персонал се соочува со големи проблеми затоа што кога на лицата со ретки болести им требаат лековите тие ги бараат лековите од нив, а не кај оние кои не го спровеле тендерот.

– Зошто кога нема лекови, лицето не оди кај некој кој не го спровел тендерот, не оди да се расправа во МАЛМЕД, тој доаѓа на амбуланта на врата и вели како да го најде лекот. Тој си го гледа проблемот, не го гледа системот и често пати кога ти не можеш да му помогнеш излегува дека ти не сакаш да му помогнеш, не сакаш да му излезеш во пресрет. Тука е маката на медицинскиот персонал. Често пати сме изложени на притисок заради незадоволство на луѓето кое што е продуцирано од тоа што системот не се грижи за луѓето, рече Николов.

Николов во врска со оваа проблематика истакна дека на власта не и е гајле што пациентите чекаат со месеци за да ги добијат своите лекови.

– Проблем е што не се спровел буџетот или на некого му е гајле кога ќе го спроведе буџетот. Велат еве ние одобривме пари, а што не се префрлени во јануари, ќе се префрлат во мај, што да ви правиме? Ќе причекаат пациентите до мај, ама може да чека роба на царина која што не се расипува, но не може да чела здравјето. Еве за лековите за ретки болести велат во тек е тендерската постапка, еве велат во март ќе биде, а јануари сега, луѓето до март што ќе пијат“, запраша Николов.

Николов укажа дека и несоодветниот пристап на власта кон здравството ги приморува вработените да си заминат од државата. Факт е дека недостасува медицински персонал во државата.

– Има општа негрижа во моментот од институциите на системот за тоа како тој функционира. Во кој смисол? Во смисол да ние имаме информации кои што не се обработуваат, имаме системи како што се „Мој термин“, имате системи за тоа колку рецепти се издадени на дневна и на полудневна основа, и тоа какви рецепти се издаваат. Се е дигитализирано, но го имаш необработено. Не е само системот да ти го преброи и врз основа на таа бројка која ќе ја добиеш треба ти да предложиш одредени сугестии, корекции и политики бидејќи системот треба да се одржува и да има корективни мерки за да појавените деформации се корегираат. Тоа го нема и тоа не го чувствуваме“, рече тој.