Доктор Игор Николов, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, доцна синоќа како гостин во емисија на една од нашите тв куќи посочи дека последниот збор и одлуките за мерките кои се спроведуваат ги има Владата, а не здравството и професионалците. Тој упати апел до членовите на Комисијата за заразни болести да одлучуваат и работат врз основа на професионалните стандарди.
-На почетокот имаше лекар од Инфективната клиника кој беше во Дебар каде успешно заврши целата работа, а беше во Комисијата. Кога виде дека никој не го слуша самиот се повлече. Така да дел од колегите и протестираат што политиката ги преиначува нивните одлуки, но тоа не го прават јавно, рече Николов.
Николов исто така посочи дека со објавување на бројката на новоинфицирани се прават обиди оваа бројка да се штелува на некој начин, односно тајмингот на објавување на бројот на позитивни е под директно политичко влијание. Зголемувањето на бројките кажува дека имаме многу заболени, потоа има и голем број на починати. Треба да се гледа и бројката на хоспитализирани. Ако вака продолжи не може да се каже дека ситуацијата е под контрола. Според него бројката која се објавува оди дозирано за да не настане шок кај граѓаните.
Тој укажува на фактот дека се прават многу пропусти. Вели „Ние ја немаме ни основната информација дали здравствените работници го шират вирусот, тука нема скрининг“ и дополнува: „Сега излегуваат нови кластери, се нема контрола на кластерите. Тоа ни блокира се. Ни ја блокира државата, економијата. А ние цело време апелираме, на дневна основа кажуваме, но ги спроведуваат мерките многу доцна“.