Продолжуваат деструктивните политики на СДСМ во здравството. Зоран Заев заедно со министерот за здравство Венко Филипче одлучија да ги остават граѓаните до 2030 година да се лекуваат во застарените објекти, а медицинскиот персонал од Комплексот Клиники „Мајка Тереза“ и понатаму да работи во несоодветни услови, истакна Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Имено, според договорот потпишан од Владата на ВМРО-ДПМНЕ со светски компании кои имаат експертиза од оваа област, новиот Клинички центар требаше да биде готов за 45 месеци од почнувањето со градба и тоа за сума од околу 120 милиони евра. Денес кога сите економски параметри се на нула, и кога економските резултати на оваа Влада се повеќе од поразителни, СДСМ го укинува старото решение кое е готово за реализација и носи ново, неколкукратно поскапо со многу подолг рок за реализација. Покрај тоа што нема никаков проект за Клинички центар, СДСМ планира бесрамно да потроши дополнителни 300 милиони евра повеќе од предвиденото. СДСМ проценува дека изградбата ќе започне за година и половина до две иако меѓународната пракса покажува дека само за подготовка на ваков проект се потребни околу две години најмалку, Рече Николов и додаде:

„Раскинување на меѓународен договор за изградба на Клинички Центар, би бил и предмет на медијација и меѓународна арбитража на финансиски институции на ЕУ. СДСМ е подготвен со парите на граѓаните, да плати и пенали во вредност од најмалку 7.5 милиони евра. Само за споредба оваа сума е еднаква на вредноста за изградбата на Педијатриската болница во Козле. Заев и Филипче, со оваа одлука покажуваат дека расипнички се однесуваат со парите на граѓаните и прават проект кој се вика „ОД ГОТОВО ВЕРЕСИЈА”. Тие мора да  дадат одговор на прашањето која е потребата да се потрошат 300 милиони евра повеќе? Зошто сакаат да ги остават граѓаните да се лекуваат во субстандардни услови до 2030 година? И зошто се подготвени да укинуваат готов проект за да започнат нешто за кое ниту самите не веруваат дека ќе го реализираат?“.